Татабања го промовира Македонецот: Филип Талески е нов „тигар“

Како што најави 24Ракомет уште пред еден месец, левиот бек Филип Талески својата кариера ќе ја продолжи во амбициозната унгарска екипа Татабања. Доскорешниот лев бек на Вардар стави крај на својата втора епизода во „црвено-црниот“ дрес во декември и одново стана интернационалец.

Татабања е клуб кој со години наназад е во самиот врв на унгарскиот ракомет, зад гигантите Веспрем и Сегед, и редовно настапува во европските купови. Оваа сезона Татабања игра во ЕХФ Европскиот Куп и е можен ривал на Охрид, доколку двете екипи го мината осминафиналето.

Талески има богато интернационално искуство. Почна во Металург, каде од младинскиот состав стигна до првиот тим, а потоа направи голем трансфер во германскиот Рајн Некар Левен, со кој освои и титула во Бундеслигата и германски куп. Следуваше епизода во Балинген, по што во 2020 година првпат го облече дресот на Вардар.

Со Вардар освои шампионски и куп-титули во македонското првенство и се наметна како стандарден дел од репрезентацијата на Македонија, со над 60 настапи и повеќе настапи на големи натпреварувања ЕП и СП, но во моментов не игра за националниот тим.

Во 2023 година Талески се реши за нов предизвик и се пресели во Португалија, во редовите на Бенфика, каде одигра две сезони и стекна дополнително искуство во европските купови. Летото 2025 година повторно се врати во Скопје и му се приклучи на Вардар, со кој настапи и во ЕХФ Европската лига во тековната сезона.

Филип Талески се враќа на паркетот – има нов клуб!