Европската ракометна јавност сè погласно реагира на нелогичностите во правилата за измени на играчи на големите натпреварувања, а најновиот пример доаѓа од актуелното Европско првенство и данската репрезентација.
ЕХФ ja потврди замената во ростерот и можноста за настап на Андреас Магард во составот на Данска, иако веќе е јасно дека 27-годишниот ракометар нема да игра на турнирот. Тој требаше да го замени Лукас Јоргенсен, кој поради скинати вкрстени лигаменти го заврши настапот на првенството.
Данците, постапувајќи според правилата, го пријавија ракометарот на Хамбург, но по дополнителни медицински проценки и договор со клубот, беше донесена одлука Магард да не настапува поради проблеми со коленото и ризик од потешка повреда.
Со тоа Данска практично потроши една измена без никаква корист, што предизвика бројни реакции и критики во јавноста. Иако формално ја искористија можноста за замена, добија играч кој нема да може да помогне на теренот.
Случајот повторно ја отвори дебатата за правилата на ЕХФ, кои според многумина треба итно да се ревидираат за да се избегнат вакви апсурдни ситуации на големите натпреварувања.

























