Иако беа најавувани високи амбиции, беше формиран силен тим, сепак грчкиот АЕК Атина во продолжение од сезоната ќе смета на послаб ростер и им подели откази на скапите странци и тренерскиот штаб.
Португалскиот стратег Руи Силва беше првиот на „отстрел“, но тој веднаш најде клуб од пониските лиги во Германија.
Членови на АЕК не се веќе ниту несудениот вардарец Жилберто Дуарте, француските интернационалци Јан Жанти и Адама Кеита, потоа екс пелистерецот Вилсон Давајес, па некогашните германски репрезентативци Ерик Шмит и Јулијус Кун, израелскиот голман Дан Тепер, хрватскиот десен бек Шиме Ивиќ, голманите од Тунис – Мохамед Бен Чеик и од Исланд – Гретар Гудјонсон, левиот бек Адама Сако…
Од играчите што беа дел од клубот есента останаа само Французинот Дилан Гаран, капитенот Вангелис Арабацис и германскиот пивот Јонас Штубер.
На тренерската клупата се враќа Алексис Алванос, кој пред двеипол сезони го водеше АЕК Атина, а нови ракометари се Бразилците Денис Барос (плејмејкер/Пуенте Хенил – Шпанија), Гиљерме Ториани (лево крило/Таубате – Бразил), Винисиус Перин (десно крило/Таубате – Бразил), Матеус Де Соуза (голман/Таубате – Бразил), Гиљерме Пеисото (пивот/Таубате – Бразил), Грците Гиоргиос Коловос (десен бек/Видир – Исланд), Јанис Антониадис (голман/Врисилија – Грција), Лефтерис Бутос (левот крило/Каматеру – Грција), Томас Кипситос (десно крило/Врисилија – Грција), како и Французинот Жером Рибе (голман/Дукас – Грција).
АЕК Атина е суспендиран од Европа две сезони, а оваа сезона со „новиот“ ростер тешко дека ќе може да му се спротистави на Олимпијакос во битката за домашните трофеи, а своја шанса од позадина ќе чека и ПАОК Солун на Македонецот Евгениј Темелкоски.
























