Денеска се играат натпреварите од второто коло во главната рунда во групата 1 во Хернинг. Германија е лидер со максимални четири бода, додека Франција, Данска, Португалија и Норвешка имаат по два бода. Шпанија е на шестото место без бодови.
Денешната програма носи низа репризи на големи натпревари од светски и европски првенства, а Германија има можност да направи уште еден важен чекор кон завршниот викенд, пред тешките дуели со Данска и Франција следната недела.
🇫🇷 Франција – 🇵🇹 Португалија
15:30 часот | Меѓусебни дуели: Франција води 10–3
Франција го загуби првиот натпревар од главната рунда од Данска (29:32), иако Ајмерик Мин беше најефикасен со седум голови. Португалија исто така стартуваше со пораз, откако тесно загуби од Германија (30:32), во меч во кој Франциско Кошта постигна десет голови.
Десниот бек на Португалија во моментов е најдобар стрелец на шампионатот со 39 голови, додека кај Франција се истакнува Дилан Наи, кој има 20 погодоци во првите четири натпревари.
Последниот меѓусебен дуел беше натпреварот за бронзен медал на СП 2025, кога Франција славеше со 35:34 по продолженија. Интересно, на ЕП досега се сретнаа само еднаш – во 2020 година, кога Португалија победи со 28:25.
„Против Франција мораме да си ја завршиме работата во одбраната и да создадеме што повеќе шанси во напад. Најважно е да се браниме како во првото полувреме против Германија и целиот меч против Данска. Сакаме победа и ќе направиме сè за тоа. Франција е една од најдобрите селекции во светот, брза, со силна одбрана и опасни контри. Ќе биде натпревар со високо темпо“, вели Мартијм Кошта.
🇪🇸 Шпанија – 🇩🇰 Данска
18:00 часот | Меѓусебни дуели: Данска води 19–8 (1 реми)
Шпанија влегува под притисок по вториот последователен пораз – 34:35 од Норвешка во првото коло од главната рунда, иако Алеиш Гомез постигна осум голови. Претходно, „фуријата“ загуби и од Германија во завршницата на прелиминарната фаза.
Данска, пак, дојде до значајна победа над Франција (32:29), благодарение на 11 одбрани на Емил Нилсен и серијата голови на Емил Јакобсен во финишот.
Ривалството меѓу овие две селекции е богато со големи натпревари – од полуфиналето на СП 2021 и Олимписките игри во Токио, каде Данска победи, до полуфиналето на ЕП 2022 во Будимпешта, кога Шпанија славеше со 29:25 и подоцна стигна до сребро.
Во моментов, Матијас Гидсел (34 голови) и Симон Питлик (31) се меѓу најдобрите стрелци на турнирот, додека Гомез е најефикасен кај Шпанија со 19 погодоци.
🇩🇪 Германија – 🇳🇴 Норвешка
20:30 часот | Меѓусебни дуели: Германија води 7–5 (2 нерешени)
Германија е единствената селекција со максимални четири бода, по победите над Шпанија и Португалија. Во дуелот со Португалија, голманот Андреас Волф беше клучна фигура во драматичниот финиш.
Норвешка, пак, ја совлада Шпанија со 35:34, со Август Педерсен како херој на мечот – левото крило постигна 11 голови.
Најзначајниот дуел меѓу двете репрезентации на ЕП беше легендарното полуфинале во 2016, кога Германија победи со 34:33 по продолженија и подоцна ја освои европската титула. Норвешка возврати со победа во полуфиналето на СП 2019 (31:25) и пласман во финалето.
Во моментот, Волф (35 одбрани) и Торбјорн Бергеруд (37) се двата најдобри голмани на шампионатот, додека најефикасни стрелци се Педерсен (28) и Ренарс Ушчинс (24).
Интересен детал е и тоа што петмина норвешки репрезентативци настапуваат во германски клубови, а Сандер Сагосен (Норвешка) и Руне Дамке (Германија) се баџанаци – тие се оженија за сестрите Хана и Стине Офтедал.
























