ДЕНЕСКА НА ЕП: Данска на „се или ништо“ против Франција, Португалија на нов тежок испит

Главната рунда на Европското првенство започнува денеска во Хернинг, а сцената е подготвена за вистински ракометен спектакл. Шесте најдобри селекции од групите А, Б и Ц влегуваат во борба за место на завршниот викенд, а конкуренцијата е посилна од кога било.

По сензационалниот пораз од Португалија во последното коло од прелиминарната фаза, Данска ќе се обиде да се врати на победнички пат, но задачата е исклучително тешка, противник е актуелниот европски шампион Франција.

Во исто време, Германија и Португалија во главната рунда стартуваат со по два бода и со победа уште на стартот можат сериозно да си ја олеснат битката за полуфинале. Од друга страна, Шпанија и Норвешка тргнуваат од нула и знаат дека секој следен чекор може да биде пресуден.

🇩🇪 Германија – 🇵🇹 Португалија
🗓 Четврток, 22 јануари | ⏰ 15:30 | 📺 МТВ1
Меѓусебни дуели: 5-0-2 за Германија

Двете репрезентации ги освоија своите групи и пренесоа по два бода во главната рунда, иако не беа перфектни во првата фаза. Германија загуби од Србија (27-30), додека Португалија одигра реми со Македонија (29-29).

Португалците ја направија најголемата сензација на турнирот со победата над домаќинот Данска (31-29), само втор пораз на Данците во Хернинг во последните 28 натпревари! Германија, пак, со победа над Шпанија си обезбеди пласман во главната рунда.

Интересно, Португалија минатата година ја елиминираше Германија во четвртфиналето на Светското првенство по продолженија, додека единствениот дуел на ЕП им припадна на Германците (ЕП 2020).

Франциско Кошта (29 гола) е најдобар стрелец на турнирот, додека кај Германија се истакнува Ренарс Ушчинс со 18 погодоци. Лоша вест за Португалија е суспензијата на пивотот Виктор Итуриза.

„Нè чека пеколна главна рунда. Ако го задржиме духот и останеме сплотени, можеме повторно да победиме“, изјави Салвадор Салвадор.

🇪🇸 Шпанија – 🇳🇴 Норвешка
🗓 Четврток, 22 јануари | ⏰ 18:00 | 📺 МТВ1
Меѓусебни дуели: 14-0-4 за Шпанија

И Шпанија и Норвешка стартуваат без бодови, по поразите од Германија, односно Франција. Сепак, двете селекции имаат по четири бода од прелиминарната фаза и се уште „живи“ во трката за полуфинале.

Последните два официјални дуела им припаднаа на Норвежаните, на ЕП 2022 и на СП 2025, што дополнително ја загрева атмосферата пред овој судир.

Двете екипи постигнаа идентични 91 гол во првата фаза. Кај Шпанија најпрецизни се Гури и Тарафета (по 12), додека Аугуст Педерсен е лидер кај Норвешка со 17.

„Првиот натпревар е најважен. Имаме нула бодови, но сè уште е можно“, порача селекторот на Шпанија, Жорди Рибера.

🇫🇷 Франција – 🇩🇰 Данска
🗓 Четврток, 22 јануари | ⏰ 20:30 | 📺 МТВ1
Меѓусебни дуели: 15-0-11 за Франција

Шлагот на вечерта во Хернинг ќе биде дуелот меѓу Данска и европскиот првак! Франција влегува со два бода и самодоверба по победата над Норвешка, додека Данска е под притисок по шокантниот пораз од Португалија.

Французите имаат најсилен напад досега (126 гола), додека Данците се потпираат на феноменалниот Матијас Гидсел, кој веќе има 25 погодоци. Овој дуел носи богата историја, од финалето на ЕП 2014 до драмите со продолженија на последните два шампионати.

„Сакаме вакви натпревари, притисок и полни трибини“, порача Мелвин Ричардсон.
„Франција игра со ритам каков што одамна не сум видел“, возврати данскиот голман Кевин Мелер.