Репрезентацијата на Црна Гора доживеа вистинска бламажа на Европското првенство 2026, кое ќе го заврши на разочарувачкото 23. место.
Иако настапот против Словенија на стартот на првенството најавуваше дека Црногорците можат да водат сериозна битка за пласман во вториот круг со Фарските Острови и Швајцарија, следуваа тешки и болни порази, 24-37 од Фарските Острови и 26-43 од Швајцарија. Дури ни најголемите песимисти не очекуваа ваков расплет.
Со статус на претпоследна селекција на првенството, пред Украина, атмосферата е далеку од добра, но селекторот Дидие Динар гледа напред. Француската легенда по поразот во Осло испрати порака дека нема да се откаже и дека планира да остане на селекторската позиција.
„Ова беше тежок натпревар за играње. Првиот меч го одигравме добро, но психички се потрошивме. По вториот пораз веќе не беше можно да се крене екипата и потоа сè тргна надолу. Секако дека сите сме разочарани. Имаме идеја како сакаме да играме, но немаме доволно луѓе. Ни претстои бараж со Финска и апсолутно сакам да продолжам. Не сум разочаран од играчите, победуваме и губиме заедно и верувам во нив, затоа што сакаме да се квалификуваме на Светското првенство“, изјави Динар.
Следен предизвик за Црна Гора ќе биде баражот за СП 2027 во Германија.
























