Словенија и Црна Гора го одиграа најефикасниот натпревар во историјата на Европските првенства, а Словенците славеа со неверојатни 41-40 во меч од првото коло.
Ова беше убедливо највозбудливиот дуел досега на шампионатот, вистинско гол-шоу во кое двете репрезентации постигнаа 81 погодок.
Мечот беше исклучително динамичен и драматичен. На пет минути пред крајот резултатот беше израмнет 37-37, но Словенија во инфарктна завршница успеа да ја обезбеди победата.
Кај Словенија блескаа Макуц и Новак со по девет гола, додека Јанц постигна осум. Во редовите на Црна Гора најрасположен беше Бранко Вујовиќ со 11 гола, а Милош Вујовиќ додаде девет.
Со вкупно 81 постигнат гол, овој меч стана меч со најмногу голови во историјата на ЕП, соборувајќи го претходниот рекорд од дуелот Белорусија – Исланд од 2016 година, кој заврши 39-38 (77).
На третото место сега е дуелот меѓу Австрија и Исланд што заврши 37-37 (74) на ЕП 2010.


























