Македонија загуби очекувано со 34-22 во првото коло од селекцијата на Данска, иако имаше кратки добри интервали во играта.
Селекторот Лазаров по мечот откри зошто во составот не беа најискусните ракометари – голманот Никола Митревски и Жарко Пешевски.
Иако сите помислија дека се работи за тактика, сепак вистината е поинаква.
„Не е тактика. Митревски и Пешевски имаат помали проблеми со повреди и заедно со медицинскиот тим доста разговаравме и со нив и со стручниот штаб, па одлучивме да ги поштедиме. Верувам дека во следните два дена ќе успееме целосно да ги рехабилитираме затоа што ни се потребни и да ни бидат на располагање за натпреварот со Португалија. Со нив во составот сигурно ќе бидеме и поконкурентни и ќе бидеме посилни. Да беа здрави сигурно ќе беа во составот, затоа што се одлични играчи и се надевам, иако времето не ни е сојузник, дека ќе бидат во составот со Португалија“, истакна Лазаров.
Следен предизвик за Македонија ќе биде дуелот со Португалија в недела од 18:00 часот.

























