Maкедонија загуби кај Хрватска со 26-23 во првиот пријателски натпревар пред ЕП, иако беше во игра за позитивен резултат до самиот крај кога беше 24-23.
Сепак мора да се потенцира дека Хрватите играа со вториот состав и од него веројатно двајца-тројца ќе бидат во конкуренција за настап на ЕП.
Стратегот на Вардар, Иван Чупиќ, во изјава за „Net.hr“ го коментираше натпреварот меѓу неговата татковина и Македонија.
„Дагур Сигурдсон повлече победнички, вистински потег со тоа што го стави на гол искусниот Дино Славиќ, кој имаше 15 одбрани. Тоа беше полн погодок. Се виде дека секогаш кога беше потребно, Дино имаше екстра потег, а кога го имаш тоа, тогаш си многу порелаксиран во играта, а со тоа и целата екипа. Иако се работи за пријателски натпревар, иако нашиот комбиниран состав досега никогаш немаше тренирано заедно, ниту пак се беше собрано, секогаш е убаво да се добие натпревар, да се слави и да се радува. Некои од момците за првпат добија шанса да го облечат дресот на сениорската репрезентација и убаво е што се победи Македонија која во Пореч дојде во комплетен состав. Тоа е репрезентација која веќе две-три години работи со селекторот Лазаров. Така, овој комбиниран состав на Хрватска се покажа како добар и ова е доказ дека се работи квалитетно и во вистинска насока“, додаде Чупиќ во еден здив.
Од неговиот Вардар нема ниту еден македонски репрезентативец, откако Милан Лазаревски отпадна од комбинација за настап на ЕП.
„Главно тоа се играчи од Автокоманда и Еурофарм Пелистер, тие го сочинуваат костурот на репрезентацијата на Македонија во последните неколку години. Јас сум нов во Вардар, веќе околу половина година, додека Киро е селектор веќе трета година и тој ја подмлади таа репрезентација, но најголемиот дел од репрезентативците доаѓаат од неговиот клуб, каде што и ги тренира. Македонија е интересна и млада репрезентација, но се падна во многу тешка група. Како ќе заврши тоа за нив, навистина не знам. За мене, како тренер, најважно е да ги имам сите играчи на располагање за подготовките. Кога е Хрватска во прашање, мојот фокус секогаш е на Хрватска“, заврши Чупиќ.
Хрватите ги очекуваат две пријателски средби со Германија на 8 и 11 јануари, додека Македонија ќе одигра уште три со Бахреин, Украина и Швајцарија.










