Лазаров: Ќе го дадеме најдоброто од нас, а ќе видиме тоа за што ќе биде доволно

Селекторот Кирил Лазаров ја имаше првата прозивка пред стартот на подготовките за настапот на Европското првенство во Данска, Шведска и Норвешка.

Лазаров повика 21 ракометар за овие предизвици, само Мартин Томовски ќе се приклучи по Нова Година по клупските обврски.

Селекторот ги сподели очекувањата пред настапот на континенталниот собир, кој осми по ред, а вкупно деветти во историјата.

„Во континуитет сме на големо натпреварување, тоа е важно за македонскиот ракомет и спорт, како и за јавноста од која добиваме голема поддршка. На ЕП се најдобрите репрезентации од Европа и е поквалитетно од СП. Групата е таква каква што е, не можеме да очекуваме полесно од трет шешир. Прашање е само дали ќе ја добиете Данска, Франција, Германија…ние ја добивме Данска, потоа и Португалија, која на последното СП се бореше за медал, а трет ривал ни е Романија. Спортски е да се надеваме, да се бориме и да го дадеме најдобото од нас. Добивме добри услови од РФМ за квалитетни подготовки, да можеме добро да се спремиме. Составот е тој, ќе ни недостига Милан Лазаревски, бидејќи не одигра ниеден меч оваа полусезона, шанса ќе добијат други играчи. Имаме доволно време да се спремиме и да го дадеме најдоброто од нас. Не е коректно и реално да даваме преоптимистички изјави, но можеме да кажеме дека ќе направиме се што е во наша моќ да го дадеме најдоброто од нас, а ќе видиме тоа за што ќе биде доволно. Данска е домаќин на ЕП, ракометот на Португалија е во подем, и клупски и репрезентативен, ние полека ја сменивме генерација, големиот дел од играчи се оние што беа на СП 2025, поискусни за една година. Мораме да бидеме умерени оптимисти. Романија нема да ја потцениме, репрезентација со голема традиција, иако во последно време не се како што биле, но мора да ги почитуваме“, вели Лазаров.

Тој потенцира дека младите ќе може да изнесат товарот ако имаат поддршка од јавноста и медиумите.

„Полека го градиме тој победнички менталитет и карактер што не е воопшто лесно да се смени. Респект за Данска, Португалија и Романија, спортски е да се надеваме, да одиграме максимално добро, веќе се познаваме подобро. Јас очекувам поддршка за овие млади момци, имаме само еден двајца поискусни над 30 години. Особено им е потребна поддршка на младите, кои ако ја почувствуваат од јавноста и медиумите, сигурен сум дека ќе вратат со позитивен исход, а селекторот секогаш е спремен за сите критики и да го носи товарот. Верувам во оваа селекција, во овие играчи, ќе одиме чекор по чекор, да се подготвиме добро ќе имаме многу пријателски натпревари. Играчите од македонската лига, кои не добиваат многу минутажа на клупски план, а нас изборот ни е тој, ќе добијат сега шанса со повеќе натпревари, па затоа така го искористиме, да го надоместат тоа и да дојдеме до некоја оптимална подгтовеност“, заврши Лазаров.

На 28 декември е првиот пријателски дуел со Хрватска, а потоа од 8 до 10 јануари следува настапот на турнирот во Швајцарија, каде освен домаќинот ќе тестираме и против Украина и Бахреин.

Првиот меч на ЕП е против Данска на 16 јануари, а потоа се пресметките со Португалија и Романија на 18 и 20 јануари.

Ракометарите се собраа – во мислите е само ЕП