Продолжува љубовта – Лазаревски верен на Вардар до 2028 година!

Вардар и пивотменот Милан Лазаревски го продолжија договорот и играчот ќе остане дел од црвено-црното семејство и во наредните две сезони. Со тоа Лазаревски ја продолжува верноста кон клубот што почна во 2022 година кога се врати во Македонија и го облече „црвено-црниот“ дрес.

Со продолжувањето на договорот, Вардар задржува играч кој веќе се профилираше како еден од столбовите на тимот на пивотменската позиција и кој со својот карактер, работна етика и однос кон клубот претставува пример за младите ракометари.

Препознатлив по својата физичка моќ, борбеност и играта „еден на еден“ на линијата од шест метри, Лазаревски во пролетниот дел од сезоната ќе биде големо засилување и во нападот и во одбраната.

Клубот гради тим на подолг рок, а токму играчи како Милан, кои во целост ги прифатиле вредностите и обврските што ги носи „црвено-црниот“ дрес, се темелот врз кој се градат идните успеси.

Навивачите и во следните две сезони во „Јане Сандански“ ќе го гледаат еден од најборбените играчи во тимот. Неговата енергија, жестината во дуелите и подготвеноста да се жртвува за секоја топка многупати ја подигнуваа публиката на нозе.

Претходно Вардар ја продолжи соработката и со левото крило Жуниор Тузолана до 2027 година, а го промовираше средниот бек Жоао Педро Да Силва од Бразил.