Милосављев потврди: Заминувам од Берлин!

Голманот на Фуксе Берлин, Дејан Милосављев, официјално објави дека од наредната сезона повеќе нема да биде дел од берлинскиот клуб. Преку емотивна објава тој им се обрати на навивачите, соиграчите и сите вработени во клубот, нагласувајќи дека соработката со Фуксе Берлин за него била голема чест и посебно поглавје во кариерата.

Милосављев од 2019 година беше член на Берлин, откако истата година во јуни стана европски првак со Вардар, по што следуваше трансфер во Бундеслигата.

Милосављев се заблагодари за довербата, поддршката, за сите заеднички моменти – и победите и тешките периоди низ кои клубот минуваше во последните сезони. Потенцираше дека Берлин му дал многу и како ракометар и како човек, а особено ја истакна секојдневната работа со тимот и стручниот штаб, на терен и надвор од него.

Во пораката голманот им упати посебна благодарност на сите кои кон него се однесувале искрено, коректно и со почит, додавајќи дека спомените од престојот во Фуксе Берлин засекогаш ќе останат со него.

Иако заминува на крајот на сезоната, Милосављев порача дека до тогаш ќе даде сè од себе за клубот да ја заврши кампањата онака како што, според него, Фуксе Берлин го заслужува – борбено, достоинствено и со највисоки амбиции. Каде ќе ја продолжи кариерата, голманот засега не открива, но јасно е дека заминува како еден од милениците на трибините во германската престолнина.