Голем број елитни ракометари и ракометарки од најсилните европски клубови јавно истапија против преголемиот број натпревари и пренатрупаниот календар.
Во заедничко видео обраќање, тие испратија силна порака до Европската ракометна федерација (ЕХФ) – да ги вклучи играчите во процесот на донесување одлуки и да го почитува нивниот глас.
Во видеото учествуваат ѕвезди како Дионе Хаусхер, Кристина Јоргенсен, Тјаша Станко и Хелена Елвер (Ѓер), Емили Фогел (Ференцварош), Дика Мем, Емил Нилсен и Лудовик Фабрегас (Барселона), Хени Реистад и Нора Мерк (Есбјерг) и уште многу други…
„Играчите се луѓе, не машини. Играчите се обединети. Нашиот глас се слуша, но мора да бидеме дел од местото каде што се носат одлуките. Календарот е пренатрупан, играчите се исцрпени. Физичкиот и психолошкиот притисок е огромен, а времето за одмор – минимално.Ракометот е тежок спорт, но ова ниво на оптоварување доведува до премногу повреди и премногу паузи. Играчите се пред сè луѓе. Заслужуваме простор за семејство, особено жените кои сакаат да градат кариера и да имаат деца. Одлуките се носат без нас, а ние сме срцето на овој спорт. Заслужуваме место на масата. Заслужуваме да не слушнат.“
Пораката беше поддржана од голем број навивачи, спортски работници и играчи од цела Европа кои со години предупредуваат дека темпото е неиздржливо и дека натпреварите се зголемуваат на сметка на здравјето на ракометарите.


























