ЕХФ потврди – Охрид од прв шешир ја чека ждрепката за осминафинале!

Европската ракометна федерација ги потврди шеширите пред ждрепката за осминафиналето на ЕХФ Европскиот Куп, а ракометарите на Охрид ќе бидат влечени од првиот шешир. Ова е трет европски настап за Охрид и веќе го остварија најголемиот клупски успех со пласманот во ТОП 16, но сигурно апетитите се многу поголеми.

По Баку и Слога Добој, Охрид би можел да игра против посилен ривал, но може да налета и на ривал по мерка, па дури и на нивото на босанскиот преставник.

Најважно ќе биде да се избегнат унгарските Татабања и Балатонфуреди во оваа фаза, и покрај тоа што тимот од езерото Балатон не е на нивото од претходните сезони. Меѓу можните ривали е Бешикташ, но тимот од Истанбул иако не е ривал што не може да се помине, би било добро да се избегне барем до четвртфиналето.

Другите можни пет ривали на Охрид доаѓаат од Чешка (Дукла Прага и Брно), Босна и Херцеговина (Коњух Живинице и Извиѓач Љубушки) и Финска (БК46).

Џек-пот за „гладијаторите“ би бил финскиот претставник, а сигурно во Охрид нема да и замерат на Фортуна ако одново ги испрати во Босна и Херцеговина или пак во Чешка.

шешир 1: Охрид, Карвина, Бурса, Целје, Олимпијакос, Рунар, Бузау, Тримо
шешир 2: Татабања, Дукла Прага, Брно, Коњух Живинице, Бешикташ, БК46, Извиѓач Љубушки, Балатонфуреди

Првиот натпревар ќе се игра на 14/15 февруари, додека реваншот е на 21/22 февруари наредната година.