Ракометарите на Охрид го потврдија од претходно обезбедениот пласман во ЕХФ Европскиот Куп, откако и вторпат славеа убедливо над босанската екипа Слога Добој, овојпат на гостински терен, со 42-18.
Ова е најголем успех во Европа во клупската историја на Охрид, откако претходно стигна до второто квалификациско коло во сегашната Лига на Европа (тогаш ЕХФ Куп) во сезоната 2017/18, а сега веќе мина две европски пречки и стигна до ТОП 16.
Голманот Кристијан Пилиповиќ имаше одлична партија и на овој меч како и на претходниот, уште од стартот ги откажа домаќините. Охрид поведе со 6-1, па 9-2 и уште по десетина минути покажа „кој е кој“ во овој двомеч.
Хрватот со австриски пасош го заврши натпреварот со 14 одбрани или 59% успешност, додека во вториот дел шанса добија Блажески и Ѓорѓески кои исто така беа на висина на задачата со висок процент и седум одбрани.
Тренерот Борис Ројевиќ ги поштеди за овој натпревар Дарко Ѓукиќ и Владимир Бојаниќ, а шанса за настап добија оние со помала минутажа, како и младите Шипинкоски и Ристески кои постигнаа шест гола.
На полувремето македонскиот тим водеше со 19-8, а колку и да пробуваа домашните немаа никакви шанси против расположените „гладијатори“, кои не попуштаа во темпото и во вториот дел уште повеќе ја наполнија домашната мрежа.

Најдобри стрелци во победничкиот состав беа Давид Савревски кој даде девет гола од девет обиди и не погреши ниту еднаш, додека пет погодоци додаде Николаос Лиапис, а по четири пати погодија Тасески, Ристески, Ојлески, Петриќ и Крсманчиќ. Во составот на Слога пет гола имаше Џенадија.
Следен предизвик за Охрид ќе биде домашниот натпревар против вицепрвакот Вардар за седум дена, а противникот за осминафиналето во ЕХФ Европскиот Куп, македонскиот тим ќе го дознае во вторник.

























