Шампионот го „штиклира“ Пролет

Шампионот Еурофарм Пелистер по поразот во ЛШ кај ПИК Сегед им се врати на победите во домашното првенство, отако славеше кај Пролет со 31-25 и се загреа за натпреварот против европскиот првак Магдебург в среда.

Без премногу форсирање и рамномерно распределена минутажата од Гарабаја меѓу сите играчи, но и без Тајник и Абутовиќ, битолчани поведоа со 5-0 и не ја испуштија предноста до крајот, иако домашните имаа свои кратки блесоци.

Момците на Матлиески намалија на два пати на минус еден во првото полувреме, 7-6, 8-7, но потоа шампионот „додаде гас“ и на паузата беше 14-11. Во вториот дел за три минути битолчани отидоа и на сигурна предност од осум гола.

Веќе беше решен победникот, па шанса и во домашниот тим добија оние со помала минутажа за да собираат неопходно искуство за следните предизвици и борбата за место во плеј-офот.

Најдобри стрелци во победничкиот тим беа крилата Манасков со осум и Радивојевиќ со шест погодоци, додека кај Пролет се истакнаа Стојановски со девет и Симовски со пет гола во гостинската мрежа.

Во следното коло битолчани ги очекува домашна средба со тимот на Кирил Лазаров, додека Пролет ќе гостува кај Радовиш.