Цехте: Битола ќе остане засекогаш во моето срце!

Словенечкиот репрезентативец Нејц Цехте по две и пол сезони замина од Битола и се врати во Бундес лигата, каде што ќе го носи дресот на Фуксе Берлин.

Десниот бек се огласи на социјалните мрежи и напиша дека многу спомени од Македонија засекогаш ќе останат во неговото срце.

„По две и пол сезони дојде моментот да се поздравам. Но не засекогаш, затоа што Битола засекогаш ќе остане во моето срце. Благодарам Еурофарм Пелистер за се – беше голема чест да го носам зелениот дрес. Заедно остваривме одлични резултати, а многу убави спомени ќе ги носам со мене засекогаш. Голема благодарност и до Чкембари за поддршката и енергијата што ни ја дававте секој натпревар. Најважно од се – пријателствата што ги создадов тука, ќе останат вечни. Битола – благодарам и се гледаме повторно. Сега е време за ново поглавје“, напиша Цехте.

Словенецот веќе играше за Еурофарм Пелистер во Лигата на шампионите, па нема да настапува за „лисиците“ во елитната конкуренција, но ќе биде користен во домашното првенство.

Тој веќе дебитираше во дресот на Фуксе Берлин во Бундес лигата на гостувањето кај Рајн Некар и доби едно исклучување.