Финансиски хаос во Колстад – мечот со Веспрем во помала сала!

Норвешкиот шампион Колстад доби дозвола да го премести натпреварот од Лигата на шампионите против унгарскиот гигант Веспрем од големата сала „Трондхајм Спектрум“ во помалата „Колстад Арена“.

Одлуката беше донесена поради финансиски проблеми, бидејќи последните домашни натпревари му донеле на клубот големи загуби.

„Зависни сме од одржлива економија на денот на натпреварот. Ризикот е преголем кога треба да имаме 6.000 гледачи во ‘Тронхајм Спектрум’ за да оствариме профит,“ изјави генералниот менаџер Јостеин Сивертсен за „Адресеависен“.

Колстад и претходно имаше промена на салата за натпревар од ЛШ, но тогаш поради Светското првенство во скијање. Овој пат, причината е чисто финансиска.

„Кога губиме пари на секој натпревар во ‘Трондхајм Спектрум’, мораме да реагираме,“ додаде Сивертсен.

ЕХФ го прифати барањето на клубот, но со напомена дека ова ќе биде еднократен случај.

„ЕХФ сака да играме во ‘Трондхајм Спектрум’, но овој пат направија исклучок. Тие ја разбираат ситуацијата и знаат дека сме во тешка позиција,“ објасни Сивертсен.

Натпреварот против Веспрем ќе се одигра на среда, 12 ноември, во „Колстад Арена“, која има капацитет од 2.500 гледачи. „Трондхајм Спектрум“ може да прими 6.000 гледачи.