Легендарниот дански ракометар Микел Хансен покажа големо срце и хуманост – како дел од кампањата во борбата против канцерот, што заеднички ја организираат ТВ2 и данското здружение за борба против канцер, 36-годишниот Хансен ја избричи главата како знак на солидарност со лицата кои се борат против оваа тешка болест.
Хансен, кој со години е препознатлив по своите врвни спортски настапи, но и по долгата коса, одлучи овој личен потег да го претвори во моќна порака за поддршка.
„Важно ми е да ја поддржам целта која влијае на толку многу луѓе. Ракот не го погодува само лицето кое заболува, туку и целото семејство и сите околу него“, порача Хансен за време на кампањата.
Во емотивниот видео материјал на кампањата е прикажана сцена каде Хансен тивко седи додека ножиците му ја отстрануваат долгата коса. Симболично, таа сцена го претставува заедништвото, храброста и надежта на сите кои се борат против рак.
Темата е за Хансен лично многу значајна – на неговиот татко му е дијагностициран рак неодамна.
„Среќа, денес е добро. Сакам да покажам дека сме сите заедно во борбата против ракот“, порача Хансен.
Кампањата за борба против канцер се одржува секоја година во октомври и е една од најголемите хуманитарни иницијативи во Данска. Нејзината цел е собирање средства за истражување на ракот, превенција, како и поддршка за пациентите и нивните семејства.


























