Митев: Легендите на сцена е наш подарок за навивачите – тие кои 20 години се дел од нашата спортска приказна

Дваесет години постоење на Спортско радио 90.3 ФМ – медиум кој со децении ја живее и раскажува спортската приказна на Македонија – ќе се одбележат на најемотивен можен начин: со спектаклот „All-Star Ракомет: Легендите на сцена“, на 29 октомври во СЦ „Јане Сандански“. Настан кој веќе сега ја бранува јавноста и ги полни срцата на љубителите на ракометот.

Во интервју за 24ракомет, Тони Митев, директор на Спортско радио и човекот зад оваа голема идеја, открива како се роди концептот, што го очекува публиката и зошто овој настан е многу повеќе од спортски дуел.

„Сакавме роденденот да го прославиме со нешто што ќе ги обедини генерациите“
„Вообичаено е кога постои некој јубилеј да се прославува со забава, гости, коктел и огномет. Но, ние сакавме нешто повеќе – нешто што ќе има душа и ќе остане запаметено.
Спортско радио е медиум кој 20 години живее со спортот – го доживува, го следи и го пренесува. Сакавме роденденот да не биде само свеченост со торта и говори, туку вистински празник.

Ракометот е спорт број еден кај нас, а токму во времето кога радиото почнуваше да работи, ракометот го имаше својот златен подем. Идејата беше да ги собереме сите ракометни ѕвезди – македонски и европски – на едно место, да создадеме настан кој ќе ја врати магијата од минатото, но и ќе ги инспирира младите што денес го почнуваат својот спортски пат“, вели Митев.

„Во Скопје доаѓаат олимписки, светски и европски шампиони“
„На теренот во големата сала во „Јане Сандански“ ќе ги видиме имињата кои ја напишаа историјата на ракометот – Веселин Вујовиќ, Лино Червар, Арпад Штербик, Игор Карачиќ, Иван Чупиќ, Игор Вори, Ренато Вугринец, Мануел Штрлек, Златко Хорват, Петар Ѓорѓиќ, Вуко Борозан, Горан Шпрем, Илија Абутовиќ, Жељко Муса, Данил Шишкарев, Жоан Кањелас…Ова е неповторлив настан ..

Сите тие се ракометни легенди кои зад себе имаат титули од Лигата на шампионите, светски и европски првенства, па дури и олимписки медали.

Публиката ќе има можност одблиску да ги види луѓето кои со години ги гледаше на телевизија, да им ракоплеска, да направи фотографија со нив – тоа е нешто непроценливо. Ова е ракометен спектакл што се случува еднаш во животот.“

„Ние не правиме само натпревар, туку цела емоционална вечер“
„Ќе има хуманитарен карактер, многу музика, видео-моменти, изненадувања за публиката и емотивни сцени што ќе ја потсетат Македонија на времињата кога арените гореа од страст.

Особено ми е драго што во програмата ќе вклучиме и деца кои ќе излезат на терен со своите идоли – тоа е момент кој ќе ја спои љубовта кон ракометот меѓу генерациите.

Ќе имаме дел каде младите ракометни таленти ќе ги поздрават своите херои – тоа ќе биде симболичен мост меѓу минатото и иднината на спортот.“

Македонскиот тим подготвен да „одигра за победа“
„Нормално, ќе имаме и силен македонски состав – легенди како Кирил Лазаров, Борко Ристовски, Филип Миркуловски, Петар Ангелов- Диви, Пепи Манасков, Ванчо Димовски, Гоце Георгиевски, Звонко Шундовски и други што оставија длабока трага во нашата репрезентација и клубови. Како судии ке се појават Драган и Маријан Начевски, нашите Ѓорѓи Начевски и Славе Николов кои ке бидат дополнителен квалитет добро познат на публиката кај нас но и ширум светот .

Ова ќе биде вечер каде македонскиот ракомет ќе покаже колку има традиција, страст и публика која знае што значи спортска чест.“

„Интересот е одличен – билетите се продаваат брзо!“
„Уште од првиот ден интересот беше навистина голем. Билетите се продаваат одлично, што покажува дека луѓето со нетрпение го очекуваат овој настан а истовремено ке ни помогнат да покриеме барем дел од големите трошкови за овој несекојдневен настан. Иако имаме подршка од неколку спонзори, покровителство и помош од Министерството за спорт, РФМ и МОК, сепак ова е огромна организација која бара голема финансиска сила.

Инаки, кога зборуваме за билетите, Имаме неколку категории – од стандардни седишта до специјална ВИП зона веднаш до теренот, која им овозможува на гледачите буквално да бидат на чекор од легендите. Тоа ќе биде уникатно доживување, затоа што ќе можеш да ги слушнеш, видиш и почувствуваш ѕвездите од најблиску.

Се надеваме дека салата ќе биде преполна, затоа што овие луѓе го заслужуваат тоа – а и Македонија заслужува една вечер полна со спортска енергија, гордост и аплаузи.“

„Ова е повеќе од настан – ова е благодарност до спортот и до сите што 20 години се со нас“

Верувам дека ова е само почеток на една нова традиција – да им се оддава почит на луѓето што го направија ракометот она што е денес.“

📅 29 октомври 2025 (среда)

📍 СЦ „Јане Сандански“ – Скопје

🕕 Почеток: 19:00 часот

🎫 Билети: ticketx.com.mk – https://ticketx.com.mk/events/legendite-na-scena-01