Вардар го почнува европскиот поход: Против Сесвете со јасна цел – победа пред своите навивачи

Македонскиот вицепрвак Вардар вечерва во 18:45 во СЦ „Јане Сандански“ го почнува својот настап во новата сезона од ЕХФ Европската лига со дуел против Сесвете од Хрватска. Скопскиот гигант влегува со високи амбиции во натпреварувањето и сака европскиот поход да го започне со триумф пред својата публика. Во домашното првенство „црвено-црните“ имаат серија од седум победи од исто толку натпревари.

Ова е втора сезона по ред како Вардар игра во групната фаза од Лига Европа, а сега „црвено-црните“ сакаат не само да ја минат групата, туку и да се замешаат за место во четвртфиналето. Во групата со „црвено-црните“ се уште и Кристијанштад и Тулуз.

Според пропозициите, во Лига Европа има осум групи по четири екипи, и најдобрите две од секоја група продолжува во главната фаза. Таму ги задржуваат освоените бодови од мечот со екипата со која играле. Се играат потоа уште четири кола, и првите екипи директно се пласираат во четвртфинале, а второпласираните и третопласираните играат за бараж за пласман во четвртфиналето.

Во пресрет на натпреварот, тренерот Иван Чупиќ и капитенот Гоце Георгиевски зборуваа со оптимизам и самодоверба, но и со почит кон младиот противник.

„Вардар секогаш има цел, амбиции и очекувања – имаме и голема историја, и мораме да испорачаме резултати. Тоа се нашите желби, но мораме да одиме чекор по чекор. Групата можеби не е најатрактивна според имиња, но секој меч е тежок и секој бод е важен,“ рече Чупиќ, кој ова лето го презеде тимот и сега ја има можноста првпат да го води во европска сезона.

Хрватскиот стратег посочи дека ривалот не смее да се потцени.

„Сесвете е млада екипа од Загреб, која заедно со Загреб и Нексе доминира во Хрватска. И тие имаат желба за докажување. Сепак, Сесвете не може да се поистоветува со Загреб и Нексе. Моментно, на целиот Балкан, македонската лига е најквалитетна и најизедначена. Сите имаат шампионски амбиции, а токму тоа ја прави нашата лига потешка и поамбициозна за играње.“

Тренерот на Вардар очекува голема поддршка од навивачите.

„Верувам дека ќе ја наполниме салата. Мораме да победиме дома – не само за бодови, туку и за навивачите кои го сакаат Вардар. Сакаме сите што ќе дојдат да уживаат во ракометот.“

Капитенот Гоце Георгиевски испрати порака до публиката и истакна дека тимот е максимално подготвен.

„Не очекува стартот на Европската лига – домашен терен и непознат противник. Важиме за фаворити, но мора тоа да го потврдиме на терен. Се подготвувавме добро, сите сме мотивирани и сакаме со победа да го отвориме натпреварувањето. Ги повикувам сите љубители на ракометот да дојдат и да не поддржат. Имаме големи амбиции и ова е само првиот чекор кон нивното остварување.“

Мечот меѓу Вардар и Сесвете се игра вечерва во СЦ „Јане Сандански“ од 18:45 часот.