Францускиот ракометен ас Никола Карабатиќ, еден од најуспешните и најпознатите ракометари на сите времиња, направи голем чекор во приватниот живот – по 14 години врска ја запроси својата долгогодишна партнерка Жералдин Пиле, со која има две деца.
На своите социјални мрежи, Карабатиќ ја сподели среќната вест, придружена со фотографии и емотивна порака. Како што открија француските медиуми, во самиот момент на запросување учествувале и нивните деца, кои изработиле симпатични прстени и помогнале во изненадувањето. Емоциите биле силни – Жералдин заплакала од среќа.
Карабатиќ и Пиле се заедно од 2011 година, а ги запознал заеднички пријател. Двојката живее во Франција, каде што Никола настапуваше за ПСЖ, но често патуваат и во Шпанија, каде помина дел од својата блескава кариера.

Љубителите на спортот добро го паметат Карабатиќ како лидер на легендарната француска репрезентација и како играч со огромна харизма, но и како човек кој секогаш ја става семејната хармонија во преден план.

























