Охрид и Тиквеш го почнуваат европскиот пат

Денеска во центарот на вниманието на македонската јавност ќе бидат европските настапи на македонските преставници Охрид и Тиквеш во ЕХФ Европскиот Куп.

Охриѓани се големи фаворити против азербејџанскиот Баку, кој нема ниту една победа во досегашните излегувања во Европа, а нема ниту еднаш одиграно европски меч дома, туку сите на гостински терен.

Избраниците на Борис Ројевиќ би требало да ја завршат работата уште по првиот меч, па реваншот утре да биде само формалност. Двете средби се играат во СРЦ „Билјанини Извори“ со почеток од 18:00 часот.

Тиквеш има посилен ривал пред себе – некогашниот учесник во Лигата на шампионите, турскиот Бешикташ. Со Едуардо Гурбино, Седрик Сорендо, Матеј Ашанин, Халил Озтурк…Бешикташ е фаворит против кавадарчани.

Сепак Тиквеш знаел да пружи голем отпор кога бил во подредена ситуација, па момците на Кристијан Грчевски, сигурно ќе имаат што да кажат против турскиот шампион.

Првата среба е на програмата денеска во Истанбул со почеток во 16:00 часот, додека реваншот ќе се одигра во салата „Јасмин“ следната сабота, на 18 октомври со почеток во 19:00 часот.