Во изминатите четири дена се одиграа петте натпревари од 3 коло во младинската машка лига.
Куманово на гостувањето кај Вардар Неготино немаше многу проблеми и славеше убедливо со 37-19. Победничката екипа ја предводеше Ангел Арсовски со осум погодоци, а значаен придонес дадоа и Михаел Милановски со седум, Тино Стојановски со пет и кадетскиот репрезентативец Христијан Вујичевски со четири гола. Ова е втора сезонска победа за Куманово. Најефикасен кај домаќините беше Јован Јовановски со девет погодоци.
На дуелот во Автокоманда паднаа дури 75 гола, а на крај се радуваше актуелниот шампион – „витамините“, кои ги победија „постарите браќа“ со 40-35. Јован петрески со осум и Марин Крстевски со шест погодоци беа предводниците на „витамините“, додека Антонио Наковски даде осум на спротивната страна.
Младинците на Еурофарм Пелистер 2 имаат три победи на три меча, откако на домашен терен убедливо го совладаа Вардар со 30-20. Андреј Дамчевски беше најдобар стрелец со осум погодоци, Алдин Фехми постигна седум, а Лука Ѓорѓиевски пет. Кај Вардар, Иван Костовски беше најпрецизен со шест реализации.
По двата порази на стартот, Бутел конечно се радуваше – на домашен терен го совлада Тиквеш со 38-32. Марко Каевски беше прв стрелец со седум погодоци, Стефан Зенговски додаде шест, а по пет имаа Давид Јаневски, Архангел Трсунов и Лука Лангоски. Кај гостите, Мики Лазов и Матеј Петрески беа најефикасни со девет, односно осум гола.
Со дуелот меѓу Еурофарм Пелистер и Пролет беше комплетирано 3. коло, а гостите славеа со 31-27. Битолчани водеа во првиот дел со 15-11, но Пролет одигра одлично во последните дваесетина минути и со голема серија стигна до победата. Блескаа кадетските репрезентативци во победничкиот состав – Горазд Дамчевски постигна осум гола, по шест додадоа Лука Јовиќ и Димитар Симовски, а Ѓорѓи Лешниковски четири. Кај домашните, Стефан Василевски реализираше девет пати, а Павел Велјановски шест.
Младинци, 3 коло, резултати:
Вардар Неготино – Куманово 19-37
Алкалоид – Мулти Есенс 35-40
Еурофарм Пелистер 2 – Вардар 30-20
Бутел Скопје – Тиквеш 38-32
Еурофарм Пелистер – Пролет 27-31