Требаше да биде дерби на колото, но наместо неизвесност во Битола имаше доминација само на еден тим, на домашниот Еурофарм Пелистер кој брзо заборави на поразот во Скопје и со 33-27 (1-14) го победи Охрид.
„Избегаа“ битолчани на табелата, и сега имаат девет бода, два повеќе од Охрид кој остана на седумте бодови освоени досега. Најавуваа гостите дека во Охрид ќе играат максимално, ама и домаќините беа мобилизирани. Несмее да се дозволи губење бодови на домашен терен.
Од почеток до крај зелените имаа предност, и во ниту едне момент не дозволија некој да помисли дека може во Битола да се надева дека ќе земе бод или уште помалку бодови.
Во 16 минута последен пат Охрид се приближи на само гол заостанување (8-7), а потоа таа предност се зголемуваше. Четирите гола на полувреме (18-14) беа најава за радост на домашните навивачи.
Дека нема да имаат проблем да ги освојат бодовите домаќините го потврдија во 43 минута кога првпат ја „раситнија десетката“, 27-17. Девет минути подоцна, во 52 минута Еурофарм Пелистер по третпат имаше предност од десет гола, 30-20 па веќе немаше никакви дилеми. Се чекаше само последниот свиреж за да се прослави триумфот.
Гол мајстор на средбата беше Богдан Радивојевиќ кој имаше реализација 9/10, од што само еден пенал, а се друго бе аголови од игра. Дејан Манасков постигна седум, од што пет од пенал. Капитенот Филип Кузмановски даде четири гола. Голманот Никола Митревски одбрани 12 топки.
Кај гостите, Дарко Ѓукиќ постигна 6 гола, а по пет гола дадоа Тим Стрмљан, Давиод Савревски и Николаос Лиапис.