Тимот на Овче Поле забележа втора победа во прволигашката конкуренција, откако на домашен терен го победи Кичево со 44-25.
По петнаесетина минути беше 8-8, а потоа со серија од четири погодоци по ред Овче Поле се одлепи на плус четири, 12-8. До паузата беше дуплирана предноста на домаќините.
Второто полувреме беше само формалност и посилен тренинг за Овче Поле, а гостите немаа сили да се спротистават на разиграните светиниколци.
Иван Димчевски имаше десет гола, а Стојанче Ристов додаде уште осум за победничкиот состав, додека Стефан Стефаноски стрелаше 13 пати за Кичево.
Во следното коло составот од Свети Николе ќе му гостува на Младост Богданци, додека Кичево ќе ги чека „витамините“ од Автокоманда.