Чаир остана без „Европа“ – по вторпат поразен од Ајдовшчина

Иако најавуваа изненадување, вклучија нов играч во составот кој го немаше на првиот меч, сепак Чаир нема да продолжи во Купот на ЕХФ бидејќи и по вторпат беше поразен од словенчка Ајдовшчина, овојпат со 33-27 во Скопје. На првиот меч во Словенија, тимот на Ајдовшчина славеше со 27-24.

Гостинките во Скопје водеа со 14-13 на полувреме, но брзо откако почна вториот дел Чаир израмни, и се до 39 минута имаа резултатско реми, кога последен пат беше 19-19. Потоа следуваше лош период за домашниот тим кој прими пет а не постигна ниту еден гол, и Ајдовшчина во 46 минута веќе имаше сериозно водство од 24-19.

Тренерот Басри Љатифи на овој меч можеше да смета на новото засилување од Тунис, левиот бек Тахани Амар која не играше во Словенија, но во составот не е голманката Магдалена Којовиќ, која долго време ќе биде на пауза од ракометните терени поради повреда.

Тахани се покажа како одлично засилување бидејќи постигна девет гола од 12 обиди, но немаше поддршка во другите колешки, да ја следат на ист начин.

Времето одминуваше, а Чаир немаше игра со која можеше да направи пресврт. Предноста на Словенките се зголеми на 27-21, а потоа и на 29-22 во 50 минута.
Делуваа чаирчанки како „расштиман оркестар“, немаше лидер, немаше акција, а на другата страна секоја шанса се користеше. На крај предноста дури и убедлива, во однос на играта, и Словенките заминаа со триумф од 33-27.