По два натпревари со пораз Тиквеш по вторпат сезонава се радуваше на триумф и тоа на гостински терен кај Еурофарм Пелистер 2, добијаќи го натпреварот со 23-17 (13-8). Кавадарчани влегуваат во ритам, и им останува уште еден меч против сериозен фаворит, каде се аутсјадери, а потоа можат да сметаат и на повеќе бодови.
Домаќините на втор меч се без Французинот Одифред Баптис кој е еден од важните играчи, па и сега недостасуваа неговите голови, особено од дистанца. Сега младите битолчани имаат серија од три порази по ред и остануваат во долниот дел на табелата.
Од 16 до 20 минута во првото полувреме Тиквеш направи серија од 4-0 со која го презеде водството, 10-6, по што на домаќинот му беше тешко да возврати. До крајот на полувремето, домаќните само намалија на 7-10, а во последната минута Мартин Манасков со гол од 9 метри му го донесе највисокото водство на гостинот, 13-8 предност со која се замина во соблекувалните на одмор.
Гостите го имаа првиот напад во вториот дел, кој не го искористија, а ниту битолчани не беа прецизни. Но по неколку напади конечно Еурофарм Пелистер 2 намали на 9-13. Наместо да ја намалат предност домашните му дозволија на гостинот во 38 минута да има преденост од 15-9, па и напад за ново зголемување на водството.
Битолчани направија обид за враќање и со него намалија на 15-12, а гостите потоа пак отидоа на „плус 4“ за водство 16-12 во 45 минута од натпреварот. Знаеја ракометарите на Тиквеш да ги казнат грешките на домашните, па зголемија на 17-12 во 46 минута. Во 49 минута пак Тиквеше ја имаше највисоката предност 18-12, а потоа и 19-13, и со овие „плус 6“ се влезе во последните десет минути од натпреварот.
Кога Томче Стојановски во контра го постигна својот прв гол на мечот, а 22 за Тиквеш во 56 минута веќе беше јасно дека гостите се на прагот на триумф. Остануваа неколку минути за „рутинско“ завршување на средбата.
Во следното коло Еурофарм Пелистер 2 гостува во Скопје кај Пролет, а Тиквеш е домаќин на Еурофарм Пелистер.