Куманово со пирова победа се прости од Европа

По високиот пораз во Литванија, ракометарките на Куманово прославија победа над шампионот на балтичката земја, Каскада Гарлијава, со 32-31, но таа е пирова, бидејќи гостинките имаа капитал од седум гола од првата средба.

Со овој резултат, Куманово е елиминиран од ЕХФ Европскиот Куп, па Македонија ќе остане со шампионот Ѓорче Петров на кој утре ќе му се приклучи и Металург Автокоманда.

Голманката Горговска е меѓу најзаслужните за пресвртот во финишот, а го одбрани и последниот шут на Каскада што значеше победнички крај за македонскиот претставник.

Куманово почна одлично, поведе со 4-2, но потоа влезе во серија грешки и литванскиот шампион со серија од четири голови успеа да направи комплетен пресврт и да ја преземе контролата, 6-4.

Кога гостинките се одлепија на плус три, 12-9, домашниот стратег Славиша Димитријески, мораше да бара тајм-аут за да ги смири своите избранички. Иако во еден момент Куманово намали на минус два, 14-12, сепак две грешки во финишот беа доволни за Каскада да замине со висока позитива на пауза, 16-12.

Во поголем дел од второто полувреме литванскиот првак ја одржуваше разликата во своја корист, но во финишот Куманово со неколку врзани интервенции на голманката Горговска успеа да се врати во игра барем за позитивен резултат.

Водеше Куманово 29-28, 30-29, 31-30…а на дваесетина секунди до крајот Стеин погоди за 32-31. Гостинскиот стратег побара минута одмор, неговите избранички дојдоа до позиција за удар, која не беше најдобра, па Горговска одбрани.

Аманда Стеин даде 11 гола за Куманово, а десет постигна Маријана Азеведо, додека кај Каскада, Мартина Устилаите беше стрелец на 11 погодоци.