По поразот во големото дерби од Вардар, македонскиот првак Еурофарм Пелистер ќе посакува враќање на победничките патеки во Супер машката лига.
Ривал на битолчани ќе им биде амбициозниот Охрид, кој покажа дека знае како против најсилните.
Охриѓани славеа против пелистерци во претсезоната, но сега е друг натпревар. Кружниот напаѓач Жарко Пешевски вели дека максимално го респектира противникот, но императивот е само победа.
„Нов домашен натпревар во македонската лига. Нов натпревар во кој пристапот и императивот на нашата екипа е само победа во нашиот храм. Максимален фокус и респект кон Охрид. Нека биде ракометен празник во кој љубителите и нашите поддржувачи ќе имаат што да видат“, вели Пешевски.
Натпреварот меѓу шампионот Еурофарм Пелистер и Охрид се игра утре во салата „Боро Чурлевски“ со почеток во 18:00 часот.