Славје во Богданци: Вардар Неготино на колена пред Младост

Еден од кандидатите за пласман во највисокиот ранг, екипата на Младост од Богданци го доби првото големо дерби во Прва лига, со триумф од 31-28 против Вардар Неготино во преполната сала „Млаз“ во која имаше околу 900 гледачи. Врзаа две победи по ред богданчани по три одиграни кола.

Некаде до средината на првото полувреме гостите имаа еден до два гола негатива, но секогаш беа во игра. Кога во 23 минута Диас зголеми на 13-10, тоа беше почетокот на резултатското одлепување на домашните. Кон крајот на првото полувеме направија разлика од „плус 4“ и водеа со 16-12.

Во вториот дел неготинци намалија само на 20-18 во 40 минута, а потоа повторно Младост имаше се во своите раце, и диктираше темпо и резултат. Во самата завршница на мечот Мице Шилегов намали на 30-28, ама немаше време за пресврт, а најзаслужен за тоа беше домашниот голман Горан Паунков.

Даниел Андоновски со десет гола беше најпрецизен кај домаќините. Кај гостите Драган Кузманов даде 7 гола, а Мице Шилегов даде 6 гола.

Во следното коло Младост гостува во Скопје кај Македонија ЃП, додека Вардар Неготино е домаќин на Јехона.