Митун: Не можевме да се слушаме во пеколната атмосфера, само се гледавме – и победивме!

Иако се очекуваше дека ќе го пропушти натпреварот, сепак средниот бек Оли Митун беше меѓу предводниците на ГОГ Гудме во големата победа над Еурофарм Пелистер во Лигата на шампионите.

Ѕвездата од Фарски Острови вели дека поради атмосферата во Битола меѓу себе комуницирале само преку говорот на телото.

„Многу е тешко да се игра овде, во оваа сала во пеколна атмосфера. Не можеме ништо да слушнеме, комуницираме само преку говорот на телото. Играчите на домашниот тим дадоа 120 проценти, но ние имавме одговор на нивната игра. Оваа победа може да ни донесе голема самодоверба за остатокот од сезоната“, вели Митун.

Ова беше прв триумф за ГОГ Гудме по поразите од Барселона и ПИК Сегед.