Андоновски: Богданци заслужува Супер лига, јас дојдов за да ја оствариме таа цел

Откако не успеа минатата сезона да обезбеди место во елитната конкуренција во Македонија, тимот на Младост Богданци, ова лето со уште повисоки амбиции за пласман во Супер лигата донесе големо тренерско име на клупата.

Горан Андоновски, поранешниот македонски репрезентативец, а сега тренер кој со успех работеше во Охрид, Тиквеш, косовските тимови Раховец и Самадреџа, го презема клубот од Богданци.

Во разговорот за 24Ракомет, Андоновски потенцира дека сака да остави уште поголема трага во македонскиот ракомет и затоа се реши за камбек во нашата држава.

„По првиот разговор со челниците од Богданци, сфатив дека се амбициозни и сериозни во намерата оваа сезона да влезат во Супер лигата. Сакам да оставам добар впечаток во мојата татковина, и по успешната работа во Охрид и Кавадарци, се решив да го прифатам овој нов предизвик, да направам уште еден чекор напред во мојата кариера во Македонија“, вели Андоновски.

Ова лето Младост Богданци се засили со повеќе искусни ракометари, меѓу кои и двајца странци.

„Со подготовки почнавме во исто време со суперлигашите и пеколно работевме минатите два месеци. Имам на располагање млада екипа, која има големи амбиции, со неколку засилувања кои не се од Богданци. Тука се Даниел Андоновски, Лазар Адамовиќ, Бразилецот Гекас, како и двајцата битолчани Костадиновски и Димитров, но основата на тимот е од Богданци. Не сакавме да носиме странци оваа сезона, но иако баравме низ Македонија не можевме да најдеме квалитетно решение. Баравме од Алкалоид да ни позајмат пивот и десен бек, не се договоривме, па бевме приморани да донесеме странци. Сакавме да настапиме со македонска екипа, останатите играчи се најдоброто што го има Богданци и плус уште неколкумина од кадетската и младинската екипа. Нашата екипа сака со македонски играчи да влезе во Супер лига“, продолжи Андоновски.

Првото големо дерби во Првата лига е викендов, кога екипата на Вардар Неготино предводена од Пепи Манасков ќе гостува во Богданци.

„Вардар Неготино е една од најквалитетните екипи во нашата конкуренција, која имаше бурен преоден рок и донесоа неколку искусни суперлигашки ракометари. Целата екипа на Вардар Неготино има повеќе искусни од нашите ракометари, но тоа не значи дека се големи фаворити. На клупата се засилија со нашата легенда Пепи Манасков и имаат од кого да учат. Најголеми конкуренти ни се тие, секако тука се и Ѓорче Петров, која загуби два меча и заостанува во борбата, потоа Драчево Јуниор кој има квалитетни играчи и Мулти Есенс, кој ако е млада екипа, долго време игра заедно и оваа сезона прволигашката конкуренција ќе биде многу интересна. Тоа што е интересно, што овие натпревари ги следат многу навивачи, па и некои суперлигаши можат да завидат на посетеноста. Не очекува пеколна сезона и секој дерби натпревар ќе биде посетен од многу гледачи“, продолжи Андоновски.

Младост има голема традиција во македонскиот ракомет, своевремено шампионите се одлучуваа на гостувањата кај овој клуб, чиј терен важи за жежок, а имаше и успеси на меѓународна сцена во европските купови. Последен пат играше во Супер лига во сезоната 2021/22.

„По ангажманот на управата и тоа колку луѓето го сакаат клубот, секако дека Богданци заслужува Супер лига. Младост е клуб со традиција, а јас дојдов тука да ги направам и клубот и градот повторно горди и одново да се гледаат суперлигашки средби во овој град“, заврши Андоновски.

Натпреварот меѓу Младост Богданци и Вардар Неготино се игра в сабота со почеток во 19:30 часот во салата „Млаз“.