Амбициозниот Драчево Јуниор мораше да се испоти за да ги освои бодовите на гостувањето кај Аеродром, иако на крајот славеше убедливо со 30-24.
Во првиот дел момците на Митко Стоилов одлично парираа на фаворитот, водеа со 5-2, па гостинскиот стратег Велимир Настески мораше да бара тајм-аут.
Неговите ракометари се соземаа и се вратија во мечот, а потоа се играше најчесто гол за гол до 12-12. Пред паузата Драчево Јуниор постигна четири гола во серија и отиде на 16-12.
На стартот на вториот дел гостите дадоа уште два гола за 18-12 и ја најави победата, а до крајот само рутински ја задржа предноста.
Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Филип Дабески со седум и Јован Марковски со пет погодоци, а кај Аеродром се истакнаа Матеј Марковски со шест и Бојан Божиновски со пет гола.