Амбициозниот Младост Богданци тргна силовито во прволигашката конкуренција, откако славеше над Партизан во Гевгелија со убедливи 48-25.
Избраниците на Горан Андоновски уште во првиот дел ставија до знаење дека ќе победат со висока разлика и водеа со 27-16.
Во второто полувреме немаше никаква неизвесност и богданчани само рутински ја довршија започнатата работа.
Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Лазар Адамовиќ со осум и Даниел Андоновски со седум погодоци, додека кај гевгеличани, Илија Пејковски постигна осум, а Јован Гетов седум гола.
Во следното коло Партизан Гевгелија оди на гости кај Јехона, додека Младост Богданци го очекува дерби дуелот со Вардар Неготино дома.