По трагедијата во март – Ержабкова повторно е бремена, ќе ја пропушти целата сезона!

Чешката репрезентативка и новото засилување на Оденсе, Маркета Ержабкова, објави радосна вест – повторно очекува бебе.

Поради тоа, искусната ракометарка ќе ја пропушти целата сезона во која данскиот тим има големи амбиции на домашна сцена, но и на меѓународна во Лигата на шампионите.

„Многу сум среќна што можам да ја споделам оваа вест со сите вас. Во исто време со големи емоции и почит гледам кон овој фантастичен клуб, навивачите и моите колешки. Засега нема да бидам дел од тимот како играч, но со нетрпение очекувам повторно да се вратам,“ изјави Ержабкова.

Ержабкова пристигна во Оденсе летово од Икаст и веднаш остави позитивен впечаток. Но клубот ќе мора да се снаоѓа без неа во престојната сезона.

За потсетување, 29-годишната ракометарка и во претходната сезона замина на породилно отсуство, но во март ја потресе тешка лична трагедија – го изгуби своето прво бебе.

Сега таа повторно ја доби шансата за ново мајчинство, а клубот и навивачите веќе и упатија огромна поддршка.