Шпанскиот репрезентативец и десен бек на полскиот првак Келце, Алекс Душебаев, се најде во центарот на вниманието, по информациите дека германскиот гигант Кил е заинтересиран за неговите услуги.
Во изјава за ТВП Спорт, Душебаев потврди дека има понуди, но нагласи дека конечна одлука сè уште нема.
„Секако дека имам неколку опции, но не сум донел одлука. Сега имам семејство и ваквите избори не се исти како порано, кога бев сам. Носам одговорност и затоа ќе одлучиме заедно каде е најдобро, и спортски за мене, и за удобноста на моето семејство. Секако, пријатно е чувството кога за тебе се интересираат топ-клубови,“ изјави Душебаев.
Алекс, син на тренерот на Келце, Талант Душебаев, е еден од клучните ракометари на полскиот шампион и важи за еден од најдобрите бекови во Европа. Неговото можно заминување во Кил би значело нов голем трансфер на релација Полска – Германија по оној на Андреас Волф, кој може да има силно влијание врз европската ракометна сцена.
И неговиот брат Даниел Душебаев ќе замине, а останува опцијата нивниот татко Талант, да остане во Полска.