Најважна битка на ЕП – кадетките ќе се борат против Литванија за опстанок во елитата

Женската кадетска репрезентација на Македонија ја очекува битката за пласман од 17 до 24 место на Европското првенство во Црна Гора, а со самото тоа и битка за опстанок меѓу најдобрите селекции.

Најважниот натпревар се игра утре од 14:30 часот против селекцијата на Литванија, победа ги остава во трка нашите кадетки за 17 место, но и гарантира опстанок, додека пораз ги носи во битка за 21 место и неизвесност околу испаѓањето во ЕХФ шампионат, каде што ќе одат трите најслабо пласирани селекции.

Досега кадетките загубија од Германија и Словачка, одиграа реми со Португалија, ја победија Турција и убедливо беа поразени од Шведска во натпревар што треба побрзо да го заборават.

Литванките имаа три убедливи порази од Црна Гора, Чешка и Франција во групната фаза, а потоа за пласман беа поразени од Австрија исто така убедливо, но ја победија изненадувачки Романија.

Во случај на победа, следен ривал на Македонија ќе биде победникот од дуелот меѓу Норвешка и Фарски Острови, а во случај на пораз ќе играме против поразениот од овој двобој.