Раул Алонсо си замина од Битола и потпиша за Лајпциг: Еурофарм Пелистер остана без тренер

Македонскиот шампион Еурофарм Пелистер, и шпанскиот стратег Раул Алонсо спогодбено ја прекинаа соработката една година пред истекот на договорот.

Информацијата утрово доби официјална потврда од битолскиот клуб, а германскиот клуб го потврди камбек на Алонсо во Бундес лигата.

„До прекин на соработката дојде по барање на тренерот, кој поради приватни причини побара да се врати во Германија. Еурофарм Пелистер му се заблагодарува на Раул и му посакува многу успех понатаму“, се вели во соопштението на Еурофарм Пелистер.

Алонсо, кој пристигна во Битола во ноември 2024 година, ја освои титулата во Суперлигата во сезоната 2024/25, а со тимот настапи и во Лигата на шампионите каде освои осум бода – најдобар резултат досега за битолчани во елитното европско натпреварување.

По потврдата од Битола, стигна и официјализацијата од страна на Лајпциг – Раул Алонсо е нов тренер на германскиот бундеслигаш, со договор на две години.

„Навистина имавме среќа што најдовме тренер кој совршено одговара на нашата визија. Алонсо има богато искуство и добро ја познава Бундес лигата. Убедени сме дека со него можеме да го развиеме целосниот потенцијал на тимот“, изјави спортскиот директор на Лајпциг, Карстен Гинтер.

И самиот Алонсо со возбуда ја најави новата фаза во својата кариера.

„Многу сум среќен за новиот предизвик во Лајпциг. Клубот и градот ми оставија силен впечаток, а разговорите со раководството беа одлични. Благодарен сум за довербата и едвај чекам да почнам со работа.“

Еурофарм Пелистер сега се наоѓа во трка со времето – до почетокот на подготовките остануваат нешто повеќе од две недели, а клубот сè уште е без тренер. Новото име на клупата на македонскиот шампион се очекува да биде објавено наскоро.