Ракометниот Ф4 турнир во Лигата на шампионите што минатиот викенд се одржа во „Ланксес Арена“ во Келн, повторно ги привлече вниманието во Европа, а претседателот на ЕХФ, Михаел Видерер, откри што следува.
Беше постигнат нов рекорд – повеќе од 20.074 гледачи на натпревар од Лигата на шампионите, а Видерер, со воодушевување зборува за развојот на настанот.
„Не сакам да звучам претерано, но турнирот во Келн сега е нешто како Вимблдон во тенисот. Ако имате сè поголем интерес по 16 години, тоа значи дека концептот функционира“, вели Видерер.
Според него, соработката со градот Келн и арената е клучна, а договорот за одржување на завршниот турнир таму е продолжен до 2029 година, со што ќе се одбележи 20-годишен јубилеј на Ф4 на истата локација.
Оваа сезона донесе историја – две германски екипи, Магдебург и Фуксе Берлин, во финале. И додека некои гледаат проблем во доминацијата на Бундес лигата, Видерер има поинаков став.
„Имаме осум до десет екипи во Европа кои можат да ја освојат Лигата на шампиони. Секако дека германската лига е силна, но тоа не значи дека другите не се конкурентни“, продолжи Видерер.
По големиот успех на германските клубови, тренерот на Магдебург, Бенет Вигерт, јавно побара Германија да добие трето место во Лигата на шампиони. Видерер не го одбива ова сценарио.
„Можам да му дадам надеж на Вигерт – ова прашање го разгледуваме интензивно при можните промени на системот на натпреварување“, заврши Видерер.
Форматот на ЛШ останува ист за претстојната сезона, но сосема сигурно ќе има промени од сезоната 2026/27.