Екипата на Maгдебург се врати на европскиот трон по една година пауза, откако во финалето на Лигата на шампионите го победи локалниот ривал Фуксе Берлин со 32-26. Уште во првиот дел се насетуваше новиот првак и беше јасно дека „лисиците“ тешко ќе успеат по титулата во Бундес лигата, да ја освојат и оваа во најелитната европска конкуренција.
Човек на одлука кога Магдебург ја правеше клучната предноста беше шпанскиот репрезентативец Сергеј Ернандез кој имаше одлична партија и со 18 одбрани ги откажа противниците.
Првите два напади ги промашија Марсениќ и Клар, но потоа набрзина паднаа шест голови и беше 3-3. Крилата на Фуксе Берлин, Ав Тејгум и Фрајхофер ја искористија техничката грешка на Клар за првпат еден од тимовите да стигне до повисока предност, 5-3.
Но тоа не траеше долго, бидејќи одново Марсениќ погоди пречка, па исландското дуо од Магдебург реализираше за 5-5. Гидсел уште не беше загреан, згреши два пати и Магдебург направи комплетен пресврт во продолжение, 8-6. Избраниците на Вигерт ја одржуваа таквата разлика, а Милосављев немаше интервенција по дваесетина минути игра.
На негово место влезе Лудвиг, а тренерот Сиферт мораше да бара минута одмор, откако виде дека на неговата екипа не и оди најдобро во нападот. Сергеј Ернандез, кој доби предност пред Портнер беше клучниот играч овој период кога Магдебург ја градеше позитивата, 15-11.
На паузата Магдебург водеше со 16-12, а на стартот на второто полувреме остана без Шпанецот Серадиља кој доби црвен картон по стартот на еден од противничките ракометари. Сепак тоа не беше пречка за неговиот тим да го продолжи победничкиот поход.
Шпанецот Ернандез бранеше зицери и ги демотивира „лисиците“, па неговиот тим отиде и на највисоки плус шест, откако Петерсон погоди на празен гол за 23-17. Сепак следуваа два брзи гола на Марсениќ и Дарј за 23-19, па Фуксе Берлин не се предаваше така лесно на овој меч.
Во продолжение се играше гол за гол, па во последните десетина минути се влезе со предност на Магдебург, европскиот првак од 1978, 1981, 2002 и 2023 oд пет голови, 27-22. Сиферт побара нов тајм-аут во обид да се спаси што може да се спаси на овој натпревар.
Лудвиг влезе во добра серија, запре два удари на Саугструп и Кристијансон, па „лисиците“ намалија на 27-24, имаа шанса за минус два, но Ернандез се испречи пред Гидсел. Потоа следуваше казна и Магдебург си врати плус четири, а потоа и плус пет, 29-24.
Времето работеше за Магдебург, Фуксе немаше многу шанси и на крајот мораше да му честита на противникот за триумфот и титулата. Кристјансон и Магнусон имаа по осум, односно шест гола, а толку даде и Клар во редовите на новиот европски првак, а кај Фуксе се истакнаа Гидсел и Ав Тејгум со по седум погодоци.