Нант ја совлада Барсa и стави точка на разочарувачкиот ракометен викенд на актуелниот освојувач на Лигата на шампионите. Барса како се уште да беше под влијание на поразот во полуфиналето кое го загубија со гол во последната секунда. Воведниот натпревар од последниот ден на Лигата на шампиони сезона 2024/2025 заврши во корист на Нант со резултат 30-25 (14-9). Францускиот претставник Нант кој дојде како аутсајдер на овој турнир во Келн, заминува со бронзата, прва во историјата откако во 2018 играше во финалето на Лигата на шампионите.
Токму почетокот на дуелот ја направи разликата, па по воведните 3-0 Нант успеа да воспостави комплетна контрола над играта и со свое темпо ја водеше играта на терен. Барса по спориот старт успеа да го изедначи резултатот на 4-4. Но немаше сили за комплетен пресврт. Нант го врати својот ритам и ја искористи средината на полувремето да креира нов шок за Барса и високи „плус пет“ во 18.минута (10-5). Во финишот на првиот дел Бос го доведе францускиот претставник на највисоки шест гола разлика (13-7), а првиот дел заврши со резултат 14-9 во корист на Нант.
Вториот дел продолжи во исто темпо, Барса имаше несвојствени технички грешки кои ја одалечија од враќање во живот на овој дуел, од другата страна екстра мотивираниот Нант го решеташе голот на Нилсен кој и покрај осумте интервенции не успеа да и помогне на својата екипа да ја врати неизвесноста на овој дуел. Не помогнаа ниту низа груби стартови на Барса кои преку видео асистенција судиите ги санкционираа со две минути. Затоа и Нант ја одржуваше разлика на пет голови низ средина на второто полувреме. Шпанскиот првак неколку пати успеа да стигне до „минус три“, но ниту во еден момент не го загрози водството на противникот, ниту ја доведе во прашање победата на Нант. По шеесет одиграни минути Нант славеше победа со 30-25.
За Нант ова е прва бронза од Лигата на шампионите откако во 2018 играше во финалето во Келн, но загуби од Монпелје. Барса натпреварувањето го завршува како четвртопласирана екипа како во сезоната 2016/2017 кога Вардар ги совлада во полуфиналето со голот на Циндриќ во последните секунди, останатото е историја.