Бундеслигашот Фуксе Берлин испиша историја и се пласираше во финалето на Лигата на шампионите, по триумфот против францускиот Нант со 34-24. Ова за Фуксе Берлин е второ учество на Ф4 турнирите, по она во 2011/12, кога ги загубија двата меча, но сега ќе имаат шанса да освојат титула. Капитенот Фабијан Виде, играше и тогаш, а сега добива шанса за поправен.
Иако останаа без својата прва ѕвезда, Матијас Гидсел, кој заработи црвен картон по стартот на Одриозола, но и без него германскиот првак убедливо си ја одработи задачата и ќе се бори за злато. Младиот Фрајхофер даде десет гола, а Андерсон имаше седум за Фуксе Берлин, додека кај Нант шест постигна Турна. Дејан Милосављев блескаше со 15 интервенции.
Од стартот си го фатија редот „лисиците“, трпеливо ја градеа предноста и до паузата стигнаа до плус шест, 18-12. Отидоа и на осум гола разлика преку одличниот Фрајхофер, а и Милосављев блескаше на голот, 21-13.
Мин и Бос, главните шутери на Нант немаа свој ден и беа со слаб процент на реализација, па тоа беше уште поголем проблем за Грегори Кожан, тренерот на Нант, кој ни со тајм-аути не можеше да ги смири своите избраници и да ги „извади“ од калта.
Намали Нант во еден момент на шест разлика, 25-19, но беше јасно дека нема да има камбек и дека Фуксе ќе го добие овој натпревар.
Во битката за бронза Нант ќе се сретне со поразениот од дуелот меѓу Магдебург и Барса, додека победникот од овој дуел ќе игра со Фуксе Берлин за титула од 18:00 часот во „Ланксес Арена“.