Првата полуфинална пресметка на ЕХФ Ф4 носи интересен дуел меѓу Фуксе Берлин – вторпат во завршницата од Лигата на шампионите, и францускиот Нант, кој го игра своето трето полуфинале и веќе еднаш беше финалист во 2018 година.
Иако ова е нивна прва средба во Лигата на шампионите, двата тима добро се познаваат од претходните настапи во Европската лига (поранешниот ЕХФ Куп), каде досега одиграа шест натпревари. Французите имаат мала предност со три победи, додека Германците славеа двапати, а еден натпревар заврши нерешено.
Историјата покажува дека и двата тима имаат капацитет за победа, што ветува жестока борба за финале – меѓу амбициозен дебитант и искусен учесник на Ф4.
Во второто полуфинале на Ф4 не очекува вистински ракометен класик – судир меѓу последните освојувачи на титули, Барса и Магдебург. Два гиганти со богата историја и титули зад себе.
Барса е рекордер во Лигата на шампионите со неверојатни 11 трофеи, од кои три во последните четири сезони. Единствениот тим што успеа да ја прекине доминацијата на каталонците е токму нивниот денешен противник – Магдебург.
Германскиот тим се искачи на европскиот трон во 2023 година, освојувајќи ја својата втора титула, цели 21 година по првата, која ја освои во сезоната 2001/02 – уште пред да биде воведен актуелниот Ф4 формат. Интересно е што и тогаш, во полуфиналето, ја елиминираа токму Барса – по продолженија и пенали, со спектакуларни 40:39.
Денеска тие ќе го одиграат својот 11-ти меѓусебен натпревар. Барса води во досегашниот биланс со 6 победи, додека Магдебург има 4. Во групната фаза од оваа сезона, секој од тимовите ги доби домашните натпревари – што само потврдува колку се изедначени силите.
Првиот меч меѓу Фуксе Берлин и Нант се игра од 15:00 часот, додека од 18:00 часот ќе играат Барса и Магдебург.