Младите ракометари на Еурофарм Пелистер ќе се борат за бронзата на завршниот турнир во Лигата на шампионите во Келн, откако во полуфиналето не успеаја да направат изненадување против данскиот ГОГ Гудме, кој славеше со 36-21.
Победникот беше решен на стартот на второто полувреме кога брзите Данци ја направија клучната залиха. Македонскиот тим парираше во поголем дел од првото полувреме, но второто полувреме мина во доминација на ГОГ и на крајот данскиот тим оди во финале каде ќе игра со победникот од дуелот Барса – Веспрем, додека пелистерци ќе се сретнат во битката за бронза со поразениот од тој двобој утре од 09:00 часот во Дормаген.
На стартот во првата акција пелистерци погрешија, но следните четири напади на двете страни завршија со погодоци за 2-2. Битолчани не реализираа во продолжение, но голманот Фехми одржуваше рамнотежа на теренот и беше 4-4.
Потоа следуваше пад во играта на нашиот тим, ГОГ Гудме ги казни сите технички грешки и се одлепи на плус четири, 8-4, па Мемиќ и Митревски мораа да ги повикаат пелистерци на минута одмор.
СЛЕДЕТЕ ГИ СИТЕ РАКОМЕТНИ СЛУЧУВАЊА И ДОБИВАЈТЕ ГИ ДИРЕКТНО НА ВАШИОТ МОБИЛЕН – САМО СО ЕДЕН КЛИК
Предноста на ГОГ Гудме отиде и на седум плус, 14-7, откако десниот бек Соренсен фати ритам. Но битолчани почнаа со „седум на шест“ варијанта, ja преполовија негативата и и намалија на 15-12.





Еурофарм Пелистер – ГОГ Гудме (младинци ЛШ)
Но следуваа одново две грешки и со гол во последните секунди ГОГ отиде на пауза со предност од пет погодоци, 17-12. На стартот на второто полувреме, Далагер заработи директен црвен картон по остриот старт над Хаџиќ, но тоа не беше пречка за данскиот тим.
Осум минути траеше постот на македонскиот претставник без постигнат погодок, за тоа време ГОГ ја користеше секоја прилика и успеа да се одлепи на десет гола разлика, да го реши победникот, 23-13.
До крајот немаше поголеми возбудувања на теренот, а шанса за настап во последните десетина минути добија оние со помала минутажа. Солидна партија имаше голманот Трсунов, кој спречи неколку зицери.
Најдобри стрелци во македонскиот тим беа Буторац и Хаџиќ со по четири гола, но Босанецот имаше слаб процент на реализација, а голманите Фехми и Трсунов собраа 12 интервенции.