„Одиме мирно и сталожено по нов успех, сакаме да бидеме изненадување на Ф4“

Тимот на Еурофарм Пелистер овој викенд ја очекува настап на завршниот турнир во Лигата на шампионите за младинци, која за првпат се одржува во ваков формат.

Битолчани со победите над полскиот Келце и романскиот Динамо Букурешт, успеаја да се пласираат на Ф4, а натпреварите ќе се играат во соседниот град на Келн – Дормаген, освен финалето кое е на програмата во Келн во „Ланксес Арена“.

Тренерското дуо Фарук Мемиќ и Кире Митревски заедно со ракометарите пристигнаа во Келн, вечерва ќе одржат тренинг, а утре ги чека предизвик рано наутро во 09:00 часот и натпревар против данскиот ГОГ Гудме.

„Тимот функционира како едно семејство постојано се подржувааат нашите играчи еден со друг, заедно ги надминувме сите проблеми како на спортски така и на приватен план. Сите играчи потекнуваат од нашата школа од најрана натпреварувачка категорија заедно со мене растеме од самите нивни почетоци од нивната најрана возраст. Алем Хаџиќ е дел од нас неколку сезони, тој настапува на сите младински турнири за нас поради правилото за неможност за настап на странски играчи не смее да игра во македонските младински првенства. Тој настапува и тренира со нашиот сениорски тим кој настапува во Лигата на шампиони и одлично се надополнува во останатиот дел од тимот пренеувајќи им на младите играчи искуства од неговите сениорски настапи“, вели Мемиќ.

Битолчани имаат шест екипи во сите младински категории во Македонија и оваа сезона станаа кадетски шампиони, младински вицепрваци, како и вицепрваци во пионерска категорија, што е доказ за добрата работа на клубот и стручните штабови.

ГОГ Гудме е силен тим, ги победи германските Магдебург и Фуксе Берлин на квалификацискиот турнир.

„За Келн се подготвуваме постојано благодарение на добрите услови што ни ги обезбедува нашиот клуб. Ние имаме свој начин и систем на игра, така да сме подготвени на предизвиците пред секој противник. Нормално дека има посебна емоција и возбуда кај секого во нашиот тим, меѓутоа одиме мирно и сталожено до нов успех. Не секогаш на ваквите турнири победуваат фаворитите, па очекуваме да бидеме изненадување, при што веруваме и се надеваме дека ќе го израдуваме градот и државата со освојувањето на истиот“, заврши Мемиќ.

Полуфиналето меѓу Еурофарм Пелистер и ГОГ Гудме ќе се игра од 09:00 часот, додека од 11:30 часот на програмата е средбата меѓу Барселона и Веспрем.