По неколкунеделни шпекулации, конечно е потврдено – талентираниот норвешки среден бек Тобијас Грондал го напушта данскиот клуб ГОГ и од следната сезона ќе го носи дресот на германскиот гигант Фуксе Берлин. Станува збор за трансфер кој веќе се најавува како еден од најскапите во историјата на данскиот ракомет.
Грондал потпиша тригодишен договор што ќе стапи на сила по крајот на сезоната и ќе го задржи во клубот до 2028 година. Иако имаше договор со ГОГ до 2026 година, клубот од Берлин реши да ја откупи неговата последна година за сума што не е јавно објавена, но според локалните медиуми Фуксе му платил на ГОГ оштета од 500.000 евра.
Со доаѓањето на Грондал, „лисиците“ добиваат вистинско засилување на позицијата среден бек – играч кој има „менталитет што совршено се вклопува во екипата“ и кој, според спортскиот директор Стефан Кретчмар, е „вешт стрелец, но и одличен организатор на играта“.
„Многу сум задоволен. Голема чест е да се приклучам на овој клуб со толку многу врвни играчи како Матијас Гидсел, Ласе Андерсон и останатите“, изјави Грондал по потпишувањето на договорот.
Тобијас Грондал зад себе има силно европско искуство, беше најдобар стрелец во Лигата на шампионите во сезоната 2021/2022 и избран за најдобар млад играч во 2022 година, тогаш настапувајќи за норвешкиот Елверум. Има 52 настапи и 160 голови за норвешката репрезентација.
Фуксе Берлин, моментален лидер во Бундеслигата и учесник во завршниот турнир на Лигата на шампионите, јасно ги покажува своите амбиции – титули на домашната и на европската сцена.