Кавадарчани си заминаа со бодови од Бутел

Ракометарите на Тиквеш остварија победа на гостувањето кај Бутел Скопје со 29-25 и сега се блиску до петтото место во суперлигашкиот плеј-оф. Иако домаќините имаа одличен старт, сепак во финишот на првото полувреме гостите ја преземаа контролата и успеаја да направат комплетен пресврт. Вториот дел мина во доминација на кавадарчани, имаа во повеќе наврати шест гола предност и без особени проблеми го одработија финишот на мечот. Сега Тиквеш има пет бода на петтото место, а Бутел останува на два освоени бодови.

Домашните стартуваа моќно, поведоа со 4-0, имаа и плус шест во текот на првиот дел, 8-2, а разликата ја одржуваа и во продолжение од мечот. Сепак следуваше еден пад во последните седум минути.

Со голот на Ѓеоргиевски, Бутел Скопје стигна до 13-10, но до крајот на првиот дел не успеаја домашните да погодат ниту еднаш, а за тоа време гостите од Кавадарци ги казнуваа сите грешки и го преземаа водството, 15-13.

Гостите го отворија вториот дел со два врзани гола и обезбедија плус четири, 17-13, но останаа без кружниот напаѓач Кристијан Анастасовски, кој доби директен црвен картон по стартот над Ѓеоргиевски.

Сепак тоа не беше проблем за кавадарчани, кои продолжија со одличната игра и стигнаа до шест гола залиха. Сепак по нивното водство со 27-22, бутелци заличија на екипата од првиот дел и успеаја да стопат три гола од негативата, 27-25 на три минути до крајот.

Сепак трето исклучување и црвен картон доби Драган Шолиќ, Тиквеш погоди за плус три, 28-25 и веќе немаше време за домаќините да успеајат да направат нешто повеќе на овој натпревар.

Игор Кривокапиќ даде осум гола за победникот, а Ани Обина стрелаше шест пати. Во домашниот состав се истакнаа Филип Николов со осум и Дејан Михајловиќ со шест погодоци. Во следното коло Тиквеш треба да игра дома со Вардар, а Бутел ќе му гостува на шампионот Еурофарм Пелистер.