Пет црвени картони во Свети Николе – во тензичен меч Македонија ЃП ги однесе бодовите

Во меч со пет црвени картони, тимот на Македонија Ѓорче Петров славеше на гостувањето во Свети Николе кај Овче Поле со 32-23.

„Дробилицата“ од Ѓорче Петров запиша шести триумф на шест меча во прволигашкиот плеј-оф и ја продолжува трката по второто место што води во баражот за Супер лигата.

Домашните водеа на стартот, 5-4, но Ристов заработи исклучување од две минути, а неговиот соиграч Динев реагираше кај судиите Груевски и Чалдаров, па доби директен црвен картон и мораше на трибини.

Тогаш Македонија ЃП почна да ја презема контролата, но остана без Михајло Костовски, кој доби црвен картон поради опасен старт. Гостите водеа со четири гола, но домашните не се предаваа и намалија на минус еден, 12-11.

Со стартот на вториот дел, „лавовите“ полека но сигурно градеа предност, тензијата се зголемуваше и реакциите на судиските одлуки. По една таква, тренерот на домашните, Зоран Динев мораше на трибини по црвениот картон, а во последните десетина минути уште двајца домашни играчи добија трето исклучување – Димчевски и Ристов, па мораа на трибини.

Тоа го искористи Македонија Ѓорче Петров, рутински ја одработи завршницата од мечот за шести триумф на шест меча во прволигашкиот плеј-офот. Сега „лавовите“ се на третото место со 21 бод, зад „витамините“ кои имаат 25 бода, но и два меча повеќе, додека лидер е Еурофарм Пелистер 2 со 26 бодови, и два меча помалку.

Најдобри стрелци во победничката екипа беа Бојан Чакалиќ со десет и Бојан Божиновски со седум гола, додека исто толку за Овче Поле даде Кристијан Стаменков.