Вардар лесно го освои Бутел

Вардар имаше само почетни „проблеми“ во Бутел, а потоа ги освои планираните бодови триумфирајќи со 37-30 (21-13) во 7. коло од разигрувањето за титулата. Дуелот се играше во Бутел иако според календарот требаше домаќин требаше да бидат „црвено-црните“. Но, бидејќи претходно беше заменето домаќинството ова беше дуел на кој Вардар беше домаќин на гостински терен.

Освен почетното водство од 3-1, и потоа 7-4 за Бутел, целиот меч беше во знакот на Вардар кој продолжува по патот кој му отвара можност да се бори за шампионската титула. Кога вардарци го презедоа водството до крајот немаше дилеми.

За разлика од други мечеви каде Бутел до самиот крај бил рамноправен, се заканувал, па дури имал и шанса да изненади, сега тимот од „Јане Сандански“ не дозволи драма, туку се реши во своја корист многу порано на средбата.

Повторно меѓу стативите „домаќините“ го имаа расположениот Васил Гогов, па дури во последните десет минути му ја прпеушти голманската ролја на Марко Богдановски. Она што некои го видоа во мрежата, Гогов го собра со рацете или нозете давајќи им импулс на соиграчите.

Бутел остана без Теодор Тодески кој се повреди на почетокот и мораше да биде пренесен на преглед в болница, а проблеми имаше и Јагуриновски кој исто така се пожали на повреда, но остана на клупата.

Во 53 минута првпат „пукна десетката“ и Вардар имаше водство 33-23. Веќе беше јасно кој ќе победи, па Горан Кузмановски им даде шанса и на младинците, меѓу кои и младите Стефан Зенговски и Давид Јаневски, да ја почувствуваат атмосферата на теренот.

Во тимот на Вардар седум гола даде Димитро Горига, а по пет постигнаа Марио Танкоски и Милан Лазаревски. Кај Бутел најпрецизен беше Дамјан Субашевски со 6 гола, а пет даде Филип Николов.